Трендови

Како да го направите вашиот дом енергетски ефикасен?

Сијалица со вградено дрво на трева

Во оваа дигитална ера, каде технологијата е дел од секојдневниот живот олеснувајќи го нашето живеење, паметните домови стануваат сè попривлечни и популарни. Паметните домови нудат удобност, погодност и безбедносни придобивки. Тие се обидуваат да ги следат нашите животни навики за да го направат нашиот дом да биде во склад со нив. Но, една од најзначајните предности на паметниот дом е тоа што се енергетски ефикасни, односно можат да заштедат пари на вашето домаќинство. За да нурнеме во светот на предностите на паметниот дом, пред сè треба да зборуваме за тоа што е тоа паметен дом.

 

Илустрација на куќа која се наоѓа во средина и е поврзана со различни паметни уреди, како светилки, клима уреди, рутер, телевизор, брава тин.

Што е паметен дом?

Паметниот дом е технологија која може да автоматизира и контролира различни системи, како осветлување, греење, ладење и безбедност. Со сите овие апарати може да управувате преку мобилни апликации, гласовни команди или паметни домашни уреди како звучници или контролни центри. Примарната цел на паметниот дом е да го подобри и поедностави вашиот секојдневен живот како и да го направи домот поефикасен преку заштеда на електрична енергија. Повеќето од нас кога мислат на паметен дом замислуваат комбинација на жици, компјутери, лизгачки врати и мистериозни механички гласови. Но, можете да го направите вашиот дом „паметен“ без да направите комплексни промени. Паметниот дом може да биде обичен дом опремен со „паметен систем“ кој што ги исполнува сите ваши желби и го подобрува вашиот секојдневен начин на живеење.

Потрошувачка на електрична енергија

Според ЕВН најмногу електрична енергија трошат уредите за греење и ладење. По тие уреди следни на листата се поголемите уреди како рерна, бојлер, фрижидер, машини за перење и сушење, како и осветлувањето кое исто така троши значајна количина на енергија. За да го направите домот „паметен“ и енергетски поефикасен најдобро е да почнете преку имплементирање на технологија за уредите кои трошат најголема количина на енергија. Автоматизацијата овозможува лесно управување со уредите било каде и да сте, преку мобилни апликации, а овозможува и автоматско подесување за уклучување или исклучување на уредите да одговараат на вашиот стил на живот и навики.

Типови на паметни уреди

Постојат многу видови на паметни уреди, од едноставни уреди како смарт телевизори, до некои покомплексни уреди како паметни системи за безбедност. Доколку сакате да почнете со имплементирање на паметни производи во вашиот дом, но не сте доволно сигурни и запознаени со нив, најубаво е да започнете со мали уреди како паметни светла или паметен термостат, па кога ќе се чувствувате посигурно, тогаш можете да преминете на покомплексни паметни уреди.

Видови на паметни уреди:

  • Смарт телевизори
  • Паметни осветлувачки системи
  • Паметни термостати
  • Паметни брави за врати
  • Паметни безбедносни камери и системи
  • Паметни кујнски апарати
  • Паметни монитори за домаќинство
  • Паметни приклучоци
Рака која го допира црниот прекинувач

Паметни приклучоци

Паметните приклучоци се поврзуваат во ѕидните приклучоци и ги трансформираат едноставните домашни уреди во „паметни“ уреди што овозможува тие уреди да се контролираат далечински преку мобилна апликација или гласовни асистенти, да се поставуваат автоматски програми на работа како и можност да се вклучуваат или исклучуваат далечински. Покрај тоа со овие приклучоци постои можност да се следи и контролира потрошувачката на „паметните“ апарати.

Паметни светла

Замената на традиционалните светилки со ефикасни ЛЕД светилки е едноставен чекор за значително намалување на електричната енергија, бидејќи ЛЕД светилките трошат најмалку 75% помалку енергија од обичните, а траат многу подолго. Преку поставување на паметни ЛЕД светилки, на домаќинството му се овозможува поголема контрола врз нив. Покрај тоа што може да се контролираат светилките далечински, можат и да се приспособат со паметен домашен систем каде можат да детектираат кога некоја просторија во домот се користи па да ги вклучат светлата, а кога просторијата е празна да се изгасат за да се заштеди трошењето на електрична енергија, истовремено продолжувајќи го животниот век на сијалиците. Друга функција на паметните светилки е подесувањето на интензитетот на светло, далечински или автоматски врз основа на достапната дневна светлина.

Паметен термостат

Одржување на оптимална температура во домот во летните периоди е температура од 24°C, а во зимските температура од 20°C.  Паметните термостати се уреди кои им овозможуваат на корисниците да ја следат и далечински контролираат температурата во домот. Можат да се постават автоматски да ги прилагодуваат поставките за греење и ладење во домот за оптимални перформанси, како и да го учат однесувањето на сопствениците автоматски менувајќи ги поставките за да обезбедат максимален комфор и ефикасност. Паметните термостати исто така можат да известуваат за користење на енергија и да ги предупредуваат корисниците за менување на филтри на апаратите за ладење и греење.

Паметни брави и отварачи на гаражни врати

Автоматските брави можат да придонесат кон заштеда на електричната енергија на неколку начини. Преку спојување со други домашни паметни уреди, како термостати, тие можат автоматски да ја прилагодуваат температурата во домот на излегување и враќање на корисниците.

Паметните отварачи на гаражни врати се интегрираат со мобилни апликации, можат да ги известат корисниците дали вратата од гражата е отворена или затворена, предупредувајќи ги корисниците доколку вратата е отворена кога тие не се во домот, што помага да се спречат несакани упади во домот. Со можноста за далечинско контролирање на вратата од гаражата или поставување на автоматско отворање или затворање, се намалува трошењето на електрична енергија задржувајќи ја топлината во домот преку автоматско или далечинско затворање на гаражната врата.

Жена користи апликација на мобилниот телефон за да ја контролира светилката.

 

Инвестирањето во паметни уреди за домот не само што нуди удобност и луксуз, туку тоа може да биде и моќна алатка за заштеда на електрична енергија, како и одлична можност за намалување на еколошкиот отпечаток што помага во заштита на животната средина. Паметниот дом е одлична инвестиција за да го направите вашиот дом енергетски и еколошки поефикасен како и да заштедите пари на долг рок. Направете го следниот чекор, станете дел од движечката сила во намалување на електричната енергија и заштитување на животната средина со вашиот нов паметен дом!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *